НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА
1.
П. Кога и кој има право да поднесе жалба односно приговор?
О. Согласно Амандманот XXI на Уставот на Република Северна Македонија правото на поднесување на жалба против акти на првостепените органи е утврдено само во случаи кога законот го дозволува тоа.
Правото на жалба, согласно Законот за административните службеници како посебен закон со кој се уредува статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници, е предвидено во следниве случаи:
- незадоволниот кандидат против одлуката за избор на кандидат по објавен јавен оглас за вработување на административен службеник;
- административниот службеник против против одлуката за избор на кандидат за унапредување; постапката за оценување; одлуката за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплинска неуредност; решението за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап; одлуката за надоместок на штета при материјална одговорност и решението за престанок на работниот однос на административниот службеник.
Право на приговор има административниот службеник за сите прашања во врска со работниот однос за кои со закон не е утврдено правото на жалба.
2.
П. Дали жалбата го одлага извршувањето на актот донесен од страна на првостепениот орган?
О. Жалбата го одлага извршувањето на актот донесен од страна на првостепениот орган.
3.
П. Како може да одлучи Комисијата одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен на Агенцијата (Комисијата на Агенцијата) по поднесена жалба односно приговор?
О. Комисијата на Агенцијата по поднесена жалба односно приговор може:
- да ја отфрли жалбата односно приговорот како ненавремен, нецелосен или недозволен;
- да ја одбие жалбата односно приговорот како неоснован и да го потврди првостепеното решение или
- да ја уважи жалбата односно приговорот и да го поништи решението на првостепениот орган и предметот да го врати на повторно одлучување.
- самата да одлучува во случаи кога постапува по изјавена жалба односно приговор против акт кој еднаш бил поништен и вратен на повторно решавање.
4.
П. Во кој рок одлучува Комисијата на Агенцијата?
О. Комисијата на Агенцијата одлучува во рок од 8 (осум) работни дена од денот на приемот на жалбата односно приговорот доставени од првостепениот орган.
5.
П. Во кој рок се поднесува жалба односно приговор?
О. Жалбата односно приговорот се поднесува рок од 8 (осум) дена.
6.
П. Доколку Комисијата на Агенцијата не донесе одлука, дали кандидатот има право на друг правен лек?
O. Доколку Комисијата на Агенцијата не донесе одлука во рок од осум работни дена од денот на приемот на жалбата кандидатот, во рок од 15 дена по истекот на осумте дена, има право да поднесе тужба пред надлежниот суд.
7.
П. Во кој рок треба да постапи првостепениот орган доколку Комисијата на Агенцијата ја уважи жалбата односно приговорот?
О. Доколку жалбата односно приговорот биде уважен, првостепениот орган е должен да постапи по одлуката на Комисијата на Агенцијата во рок од осум работни дена од приемот на истата.
8.
П. Каде се доставува донесената одлука, решение односно заклучок на Комисијата на Агенцијата?
О. Комисијата на Агенцијата ја доставува донесената одлука, решение односно заклучок до првостепениот орган во рок од три дена од денот на донесувањето.
9.
П. Како ќе биде информиран подносителот на жалбата односно приговорот за донесената одлука, решение односно заклучок на Комисијата на Агенцијата?
О. Преку првостепениот орган, кој е должен во рок од три дена да ја достави одлуката на Комисијата на Агенцијата до административниот службеник.
10.
П. Дали незадоволниот кандидат односно административен службеник има право на правен лек доколку е незадоволен од одлуката на Комисијата на Агенцијата?
О. Незадоволниот кандидат односно административен службеник може да поднесе тужба против одлуката на Комисијата на Агенцијата пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.