НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА


1.

П. Кои се општите услови за вработување на административен службеник?

О. За пополнување на работно место на административен службеник кандидатот треба да ги исполни следниве општи услови:

- да е државјанин на Република Северна Македонија,

-  активно да го користи македонскиот јазик,

-  да е полнолетен,

-  да има општа здравствена способност за работното место и

-  со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

 

2.

П. Кои се посебни услови за пополнување на работно место?

О. Покрај општите услови за пополнување на работно место на административен службеник, кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови:

     - да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место,

-  да има соодветно работно искуство потребно за работното место,

-  да поседува соодветни општи работни компетенции потребни за работното место пропишани со Рамката на општи компетенции и

-  да поседува соодветни посебни работни компетенции потребни за работното место.

 

3.

П. Каде се објавува јавниот оглас за вработување на административен службеник?

О. Јавниот оглас за вработување се објавува на интернет страницата на Агенцијата за администрација, како и во најмалку три дневни весници, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

 

4.

П. Колку трае рокот за пријавување на јавниот оглас?

О. Рокот за пријавување на јавниот оглас не може да биде пократок од 15 дена, односно подолг од 20 дена од денот на неговото објавување во дневните весници.

 

5.

П. Дали пријавите за вработување на административен службеник по јавен оглас може да се испратат по пошта на адреса на Агенцијата за администрација?

О. Согласно новиот Закон за административни службеници хартиените пријави повеќе не се употребуваат, а пријавувањето оди единствено по електорнски пат.

 

 

6.

П. На кој начин кандидатот може да се пријави на објавен јавен оглас?

O. Пријавите за вработување на административен службеник по јавен оглас се поднесуваат во електронска форма преку интернет страницата на Агенцијата за администрација. За пополнување на електронска пријава, кандидатот треба да креира кориснички профил, при што му се доделува идентификациски код кој кандидатот ќе го користи за активирање на испитот за административен службеник, како и за следење на резултатите од сите фази на селекција.

 

7.

П. Од колку фази се состои постапката за селекција на кандидати за вработување на административен службеник?

О. Постапката за селекција се состои од 4 фази:

- Фаза 1 – Административна селекција

- Фаза 2 – Испит за административен службеник

- Фаза 3 – Проверка на веродостојност на докази и интервју и

- Фаза 4 – Тест на личност


8.

П. Што е работно искуство?

О. „Работно искуство во струка“ е периодот евидентиран во агенциja за вработување како работен стаж, кој вработениот го поминал во работен однос после стекнување на определен степен и вид на образование и во кој вршел работи и работни задачи за кој е потребен таков степен и вид на образование.

 

9.

П. Што опфаќа неформално образование?

О. Неформалното образование ги опфаќа меѓународно признатите стручни сертификати или уверенија кои се поврзани со областа која е релевантна за работното место.


10.

П. Што опфаќа формално образование?

О. Формално образование го опфаќа текот на целиот образовен процес на кандидатот на пр. (дипломи, свидетелства, и уверенија од средно и/или факултет, итн)

 

11.

П. Со кој документ се докажува познавањето на работа со компјутерски програми за канцелариско работење?

О. Познавањето на работа со компјутерски програми за канцелариско работење се докажува со приложување на потврда.

 

12.

П. Што претставува административната селекција?

О. Административната селекција се состои од проверка на внесените податоци во пријавата за вработување со условите во јавниот оглас, приложените докази во пријавата и нивно бодирање.  Административна селекција завршува најдоцна во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на кандидатите на јавниот оглас.

 

13.

П. Колку најмногу кандидати преминуваат по административната селекција во фазата испит за административен служебеник?

О. Најмногу десет пати повеќе кандидати од бројот на работните места за кои се спроведува постапката за вработување, преминуваат во фазата испит за административен службеник, во зависност од освоените бодови, на административната селекција.

 

14.

П. Дали може кандидатот кој не е задоволен од освоените бодови од испитот за административен службеник, повторно да полага и на кој начин се пријавува за тоа?

О. Кандидатот доколку не е задоволен од освоените бодови може да го полага повторно целиот испит со пријавување на кој било активен оглас за кој ги исполнува условите и ја поминал фазата - административна селекцијата.

 

15.

П. Од колку делови се состои испитот за административен службеник и колкаво е неговото времетраење?

О. Испитот за административен службеник се состои од два дела и тоа: стручен дел со времетраење од 60 минути и дел за проценка на интелектуалниот капацитет на кандидатот со времетраење од 60 минути односно вкупно 120 минути.

 

16.

П. Колку најмногу кандидати преминуваат по испитот за административен службеник во фазата проверка на веродостојност на доказите и интервју?

О. Најмногу пет пати повеќе кандидати од бројот на работните места за кои се спроведува постапката за вработување, преминуваат во фазата проверка на веродостојност на доказите и интервју, во зависност од освоените бодови, на испиотот за административен службеник.


17.

П. На кој начин ќе биде известен кандидатот доколку ги поминал или не ги поминал фазите на селекција ?

О. Сите известувања независно дали поминал или не поминал во следната фаза на селекција, кандидатот ги добива на својот кориснички профил.

 

18.

П. Каде може да се најде материјалот кој е потребен за подготовка на испитот за административен службеник?

О. Базата на прашања како и литературата, односно законите и подзаконските акти врз основа на кои е подготвена базата на прашања за подготовка на испитот за административен службеник, е јавно достапна на интернет страниците на Агенцијата за администрација и Министерството за информатичко општество и администрација.

 

19.

П. Кои се правните последици доколку кандидатот за време на испитот користи литература, закони, мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства и контактира со други кандидати и/или лица од Агенцијата, освен со информатичар вработен во Агенцијата?

О. На кандидатот кој при полагањето користи литература, закони, мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства , Комисијата за селекција нема да му дозволи натамошно полагање и му се изрекува забрана за полагање на испит за административен службеник во траење од три години при што му се изрекува глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност.

 

20.

П. Кога се врши проверка на веродостојност на доказите кои кандидатот ги навел во својата електронска пријава/профил?

О. Проверката на доказите ја врши Комисијата за селекција најмалку три часа пред почетокот на интервјуто, за што кандидатите се должни да ги донесат на увид во оригинал или заверен препис, сите докази потребни за работните места за кои аплицирал. Терминот за проверка на веродостојноста на доказите кандидатот ќе го добие на корисничкиот профил.

 

21.

П. Што ќе се случи доколку на кандидатот му недостига еден или повеќе документи?

О. За кандидатите кои нема да ги достават доказите или истите нема да ја поминат проверката на веродостојност, постапката на селекција завршува.

 

22.

П. На кој начин се спроведува интервјуто?

О. Интервјуто се спроведува усно и/или писмено, преку општи прашања со кои се проверува интересот и мотивацијата; ситуациони прашања, за да се проверат општите работни компетенции за категоријата на која припаѓа работното место; стручни прашања или практични задачи, со кои се проверуваат посебните работни компетенции; и оценка на способноста на кандидатот за изразување/пишување на македонски литературен јазик.

 

23.

П.  Кои кандидати продолжуваат во Фазата 4 – Тест на личност?

О. Во рок од три дена од денот на спроведувањето на интервјуто, согласно со освоените бодови од административната селекција, писмените тестови и интервјуто, за кандидатите кои освоиле најмалку 60% од максималниот број бодови во сите претходни фази на постапката на селекција, Комисијата подготвува и ја објавува на интернет страницата на Агенцијата, ранг-листа со идентификациски кодови на кандидатите, кои продолжуваат во фазата – тест на личност.

 

24.

П. Дали тестирањето со тест на личност се наплаќа?

О. Сите кандидати кои освоиле најмалку 60% од вкупниот број на бодови во сите претходни фази на селекција, полагаат Тест на личност и истиот не се наплаќа.

 

25.

П. Колку време треба да помине од првото полагање на тестот за личност доколку кандидатот е соодветен/не е соодветен за да може повторно да полага?

О. Кандидатот може да полага тест на личност на секој оглас, доколку освои 60% од вкупниот број на бодови во сите претходни фази на селекција.

 

26.

П. На кој начин се врши избор на кандидат за вработување ?

O. Комисијата за селекција, од конечните ранг-листи по работни места, избира онолку најдобро рангирани кандидати со припадност на заедница за која согласно годишниот план на институцијата се предвидени нови вработувања, колку што извршители се бараат за таквото работно место, и во рок од три дена и ги предлага на институцијата. Секретарот, односно раководното лице во институциите во кои не се назначува секретар, во рок од пет дена по добивањето на предлогот од Комисијата за селекција е должен да донесе одлука за избор. Одлуката за избор се доставува до избраниот кандидат и се објавува на интернет страницата и на огласната табла на Агенцијата.