Објавено на 16.04.2019 година.

ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР И ЗАКОНОТ ЗА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ

На јавна расправа организирана од Министерството за информатичко општество и администрација, на 15.04.2019 година започна консултативниот процес за измени на Законот за вработените во јавниот  сектор и Законот за административни службеници.

За потребите од измени и дополнувања на овие два закона зборуваа Дамјан Манчевски,  министер за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Билјана Жагар Николовска, советник за администрација и Спасе Глигоров, директор на Агенцијата за администрација.

На јавната расправа беше презентирана моменталната состојба, предизвиците при имплементација на овие два закони, како и предлози за аспектите во коишто тие можат да се подобрат.

Министерот за информатичко општество и администрација истакна дека целта со измената на двата закони заедно со останатите реформи во јавната администрација е да се промени климата за работа на јавната администрација, законите да одговараат на реалната состојба, и да резултираат со регрутација на квалитетен административен кадар.

Државниот секретар во МИОА, Јахи Јахија, се осврна на најчестите проблеми детектирани од институциите кои ги имплементираат овие закони, а советникот за администрација Билјана Жагар Николовска зборуваше за потребата од унапредување на моделот за управување со ефектот, односно оценувањето и за можности за измени на постапката за мобилност.

Директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров, зборуваше за потребата од измена и дополнување на Законот за административните службеници која произлегува од практичната примена и детектирањето на проблемите и недостатоците во истиот. Во своето излагање тој истакна дека е потребна рационализација на условите за вработување и поедноставување на постапката за вработување на админситративни службеници, прецизирање на постапката за унапредување на административни службеници и  рационализација на комисиите за водење на дисциплински постапки и ефектуирање на рокот за застареност за поведување на дисциплинска постапка.

Големиот број на присутни на дискусијата со примери од практичната примена, но и со препораки, придонесоа кон дискусијата, од што понатаму ќе произлезат и законските измени.