Постапка за селекција на кандидати за вработување

Почитувани,

Согласно Законот за административни службеници (Службен весник на Р.М. бр. 27/2014, 199/2014, 154/2015 и 5/2016), Законот за вработените во јавниот сектор (Службен весник на Р.М. бр. 27/2014, 199/2014, 54/2015 и 27/2016), и Уредбата за спроведување на постапката за вработување на административните службеници (Службен весник на Р.М. бр. 90/2015)  направени се крупни измени во постапката за селекција на кандидати за вработување на административни службеници. Оваа постапка во голема мерка е различна од претходните две постапки за селекција и вработување на државен службеник и постапката за селекција и вработување на јавен службеник.

Имено, согласно законските решенија наместо две постапки утвредно е да се спроведува само една постапка за селекција на кандидати за вработување на административен службеник, која пак, се состои од четири фази: Прва фаза - административна селекција, Втора фаза - испит за административен службеник, Трета фаза - проверка на веродостојност на докази и интервју и, Четврта фаза -  тест на личност.


- Прва фаза – Административната селекција се состои од проверка на внесените податоци во пријавата за вработување со условите во јавниот оглас, приложените докази во пријавата и нивно бодување. 

За кандидатите кои при административната селекција се утврди дека не ги исполнуваат условите утврдени во јавниот оглас, постапката на селекција завршува.

Утврдувањето на вкупниот број бодови за секој пријавен кандидат се врши врз основа на бодовите од стручните квалификации, работното искуство во струката, познавањето на странски јазици, како и познавањето на работа со компјутерски програми за канцелариско работење.

Во следната фаза на селекција преминуваат најмногу десет пати повеќе кандидати од бројот на извршители за работното место, а кои биле најдобро рангирани во оваа фаза.


- Втора фаза – Испитот за административен службеник се состои од два дела: стручен дел и, дел за процена на интелектуалниот капацитет на кандидатот.

Со стручниот дел, преку одговарање на прашања во вид на компјутерско тестирање, се проверуваат познавањата на кандидатот во следниве области:

  •  уставен поредок на РМ;
  • систем на локална самоуправа;
  • систем на управно право, управна постапка и управен спор;
  • положбата и други општи прашања за вработените во јавниот сектор;
  • правата од работен однос на административните службеници; и
  • кодексот за административни службеници.


Со делот за процена на интелектуалниот капацитет се проверува способноста на кандидатот за апстрактно расудување преку компјутерски тест – матрица за когнитивни способности, како и способноста за логичко расудување преку компјутерски тест за силогизми.


На испитот за административен службеник, кандидатот може да освои најмногу 40 бодови, односно најмногу 25 бодови на стручниот дел и најмногу 15 бодови на делот за проценка на интелектуалниот капацитет, така што истите во зависност од тежината и сложеноста се вреднуваат различно. Двата дела од испитот за административен службеник се полагаат последователно, со максимално времетраење од 60 минути по дел.


Во следната фаза на селекција преминуваат најмногу пет пати повеќе кандидати од бројот на извршители за работното место, а кои биле најдобро рангирани во оваа фаза.


- Трета фаза – Проверката на веродостојност на доказите ја врши Комисијата за селекција најмалку три часа пред почетокот на интервјуто, при тоа кандидатите се должни да ги донесат на увид во оригинал, или заверен препис, сите докази прикачени електронски кон пријавата.

Доколку од страна на надлежните органи се утврди дека кандидатот доставил на увид лажни докази, истиот не може да се вработи како административен службеник во период од десет години од денот на неговото евидентирање во Агенцијата за администрација.

Кандидатите кои успешно ќе ја поминат проверката на веродостојност на доказите, имаат право да продолжат на интервју.

Комисијата најдоцна 30 минути пред почетокот на интервјуто одржува подготвителен состанок на кој  се определува формата на интервјуто и темите кои ќе се опфатат во текот на интервјуто.

Интервјуто се спроведува усно и/или писмено.


- Четврта фаза -  Со  тестот на личност се проверува соодветноста на кандидатот за работното место за кое аплицирал, преку полагање на валидиран тест за користење во Република Македонија, базиран на стандардизиран петфакторски модел, со кој се проверуваат социјалните особини, одредени аспекти на интегритетот на личноста, пристапот кон учењето, како и другите психолошки особини во функција на извршувањето на работите и работните задачи за соодветната категорија на работни места.


Со тест на личност се тестираат кандидатите кои во претходните три фази на селекција освоиле најмалку 60% од максималниот број бодови во сите претходни фази на постапката на селекција.


Кандидатите кои успешно го поминале тестот на личност и се покажале како соодветни за работното место, остануваат на конечната ранг-листа, додека за другите постапката на селекција завршува.

Во сите четири фази на селекцијата, кандидатите може да освојат најмногу 100 бодови распоредени на следниот начин:

***

Фаза 1-Административна селекција

Можни бодови

1.

Формално образование

25

2.

Неформално образование

2

3.

Работно искуство

5

4.

Познавање на странски јазик

5

5.

Познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење

3

Вкупно

40

***

Фаза 2- Испит за административен службеник

Максимум бодови

1.

Стручен дел

25

2.

Дел за процена на интелектуалниот капацитет

15

Вкупно

40

***

Фаза 3- Проверка на веродостојност на докази и интервју

Максимум бодови

1.

Интервју: Општи прашања

6

2.

Интервју: Прашања за општите компетенции

6

3.

Интервју: Прашања за посебните компетенции

6

4.

Интервју: Активно познавање на македонски јазик

2

Вкупно

20

***

Фаза 4- Тест на личност

Соодветен

Вкупно бодови во сите фази на селекцијата

100


Комисијата за селекција, од конечните ранг-листи по работни места, избира онолку најдобро рангирани кандидати со припадност на заедница, за која согласно годишниот план на институцијата се предвидени нови вработувања, колку што извршители се бараат за тоа работно место и во рок од три дена и ги предлага на институцијата.


Во случај кога на која било од конечните ранг-листи нема доволно кандидати со припадност на заедница, за која согласно годишниот план на институцијата се предвидени нови вработувања, огласот се повторува само за оние работни места и за оној број на извршители колку што недостигаат.


Доколку на ранг листата од која треба да се изврши изборот, најдобро рангирани се двајца или повеќе кандидати со ист број на бодови во втора децимала, се избира кандидатот кој има добиено најмногу бодови во фазата на административна селекција.


Секретарот, односно раководното лице во институциите во кои не се назначува секретар, во рок од пет дена по добивањето на конечната ранг-листа, односно предлогот на Комисијата за селекција, е должен да донесе одлука за избор која се доставува до избраниот кандидат и се објавува на интернет страницата и на огласната табла на Агенцијата.


Во рок од пет дена од конечноста на одлуката за избор, раководното лице на институцијата носи решение, односно склучува договор за вработување на неопределено време.